7. И проповедаше, велејќи: „По мене иде Посилен од мене; пред Кого не сум достоен да се наведнам и да Му ги одврзам ремењата на Неговите обувки.
8. Јас ве крстив во вода, а Тој ќе ве крсти во Светиот Дух.”
9. И во тоа време, Исус дојде од Назарет во Галилеја, и Јован Го крсти во Јордан.
10. И веднаш, додека излегуваше од водата, виде: како се отворија небесата и Духот како слегува над Него како гулаб.
11. И се чу глас од небото: „Ти си Мојот возљубен Син; во Кого Ми е милината!”
12. Веднаш потоа Духот Го одведе во пустината.
13. И беше во пустината четириесет дни, искушуван од сатаната. И беше меѓу ѕверови; и ангели Му служеа.
14. А откако Јован беше предаден, Исус дојде во Галилеја, проповедајќи го Божјото Евангелие.
15. И зборуваше: „Времето се исполни, и наближи Божјото Царство; покајте се и верувајте во Евангелието!”
16. И одејќи покрај Галилејското Море, ги виде Симона и Андреја, братот Симонов, како фрлаат мрежа во морето, зашто беа рибари.
17. И Исус им рече: „Врвете по Мене и Јас ќе направам да станете рибари на луѓе!”
18. И веднаш ги оставија мрежите и тргнаа по Него.
19. И кога одмина малку потаму ги виде: Јакова, Зеведеевиот син и брата му Јована - и нив во кораб - како ги крпат мрежите;
20. и веднаш ги повика и, оставајќи го татка си Зеведеја со наемниците во коработ, тргнаа по Него.