4. Се јави Јован, крштавајќи во пустината и проповедајќи покајно крштавање за проштавање на гревовите.
5. И излегуваше при него целата Јудејска страна и сите ерусалимци; и тој ги крштаваше во реката Јордан, при што тие ги исповедуваа своите гревови.
6. А Јован беше облечен во облека од камилски влакна и имаше кожен појас околу својата половина, и јадеше скакулци и див мед.
7. И проповедаше, велејќи: „По мене иде Посилен од мене; пред Кого не сум достоен да се наведнам и да Му ги одврзам ремењата на Неговите обувки.
8. Јас ве крстив во вода, а Тој ќе ве крсти во Светиот Дух.”
9. И во тоа време, Исус дојде од Назарет во Галилеја, и Јован Го крсти во Јордан.
10. И веднаш, додека излегуваше од водата, виде: како се отворија небесата и Духот како слегува над Него како гулаб.
11. И се чу глас од небото: „Ти си Мојот возљубен Син; во Кого Ми е милината!”
12. Веднаш потоа Духот Го одведе во пустината.
13. И беше во пустината четириесет дни, искушуван од сатаната. И беше меѓу ѕверови; и ангели Му служеа.
14. А откако Јован беше предаден, Исус дојде во Галилеја, проповедајќи го Божјото Евангелие.
15. И зборуваше: „Времето се исполни, и наближи Божјото Царство; покајте се и верувајте во Евангелието!”