Марко 1:35-45 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

35. А наутро, додека уште беше темно, стана, излезе и отиде во пусто место, и таму се молеше.

36. А Симон и оние, кои беа со него, поитаа по Него,

37. и кога Го најдоа, Му рекоа: „Сите Те бараат!”

38. И им одговори: „Да одиме: во соседните села, да проповедам и таму, зашто затоа и излегов.”

39. И дојде, проповедајќи - во нивните синагоги по цела Галилеја - и изгонувајќи ги бесовите.

40. И дојде при Него еден лепрозен, молејќи Го и коленичејќи, Му зборуваше: „ Ако сакаш, можеш да ме очистиш.”

41. И му се смили, ја протегна раката и го допре и му рече: „Сакам! Биди чист!”

42. И веднаш лепрата отиде од него и стана чист.

43. И предупредувајќи го строго, веднаш го отпушти

44. и му рече: „Гледај, никому ништо да не кажеш! Туку оди, покажи му се на свештеникот, и принеси за своето очистување она, што заповедал Мојсеј - ним за сведоштво.”

45. А тој, штом си отиде, почна да разгласува многу и да раскажува за настанот, така што Исус не можеше веќе јавно да влезе во град; туку беше надвор, по пусти места; а доаѓаа кај Него од сите страни.

Марко 1