Лука 9:12-23 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

12. А кога денот почна да превалува, Дванаесетте Му пристапија и Му рекоа: „Отпушти го народот да оди во околните села и селца, за да најде преноќиште и јадење, зашто сме тука во пусто место!”

13. Тој пак им рече: „Дајте им вие да јадат!” А тие рекоа: „Немаме повеќе од пет леба и две риби; освен ние да отидеме и да купиме храна за сиот овој народ!”

14. Зашто беа околу пет илјади мажи. И им рече на Своите ученици: „Седнете ги во купчиња по педесет!”

15. И така направија и ги седнаа сите.

16. Тој ги зеде петте лебови и двете риби, погледна кон небото; ги благослови и ги раскрши и им даваше на учениците, за да ги стават пред народот.

17. И сите јадеа и се наситија, и го кренаа тоа што остана од парчињата - дванаесет кошници.

18. И кога еднаш се молеше сам, а учениците беа со Него, ги праша: „Што вели народот, Кој Сум Јас?”

19. Тие пак одговорија: „Едни велат - Јован Крстител, други - Илија, а трети - дека воскреснал некој од старите пророци.”

20. Тогаш им рече: „А вие што велите, Кој Сум Јас?” Петар во одговор рече: „Христос Божји!”

21. А Тој строго им заповеда, никому да не го кажуваат тоа;

22. велејќи дека Човечкиот Син треба да пострада многу; да биде отфрлен од старешините, свештеничките главатари и книжниците; да биде убиен и да воскресне на третиот ден.

23. И на сите им зборуваше: „Ако некој сака да оди по Мене, нека се одрече од себеси и нека го земе својот крст секој ден, и нека Ме следи!

Лука 9