Лука 8:45-56 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

45. А Исус рече: „Кој се допре до Мене?” А кога сите одречуваа, Петар рече: „Учителе, многу народ Те турка и притиска.”

46. Исус пак рече: „Некој се допре до Мене, зашто почувствував дека сила излезе од Мене.”

47. А штом жената виде дека не може да се сокрие, пристапи треперејќи, падна пред Него и кажа пред сиот народ, зошто се допрела до Него и како оздравела веднаш.

48. А Тој и рече: „Ќерко, твојата вера те спаси; оди си со мир!”

49. Додека Тој уште зборуваше, дојде некој од куќата на настојникот и рече: „Ќерка ти умре, не измачувај Го повеќе Учителот!”

50. Штом Исус чу, му рече: „Не бој се! Само верувај и ќе биде спасена.”

51. А кога дојде во куќата, не му дозволи никому да влезе со Него, освен на Петра, Јована и Јакова, и на таткото и мајката на девојчето.

52. Сите плачеа и тажеа по неа. Тој пак им рече: „Не плачете, зашто не е умрена, туку спие!”

53. И Му се потсмевнуваа, зашто знаеја дека е умрена.

54. А Тој ја фати нејзината рака и извика: „Дете, стани!”

55. И нејзе и се врати духот, и стана веднаш, и Тој нареди да и дадат да јаде.

56. Нејзините родители се зачудија, а Тој им заповеда никому да не кажуваат за тоа што се случило.

Лука 8