41. И ете, дојде човек, по име Јаир, кој беше настојник на синагогата, и падна пред Исусовите нозе и Го замоли да влезе во Неговата куќа,
42. зашто имаше единствена ќерка, на околу дванаесет години, и таа беше на умирање. И кога одеше, народот се туркаше околу Него.
43. А една жена, која страдаше дванаесет години од крвотечение и која го потроши сиот свој имот по лекарите, а ниеден не можеше да ја излечи,
44. Му пристапи одзади и се допре до работ на Неговата наметка, и веднаш и прекрати нејзиното крвотечение.
45. А Исус рече: „Кој се допре до Мене?” А кога сите одречуваа, Петар рече: „Учителе, многу народ Те турка и притиска.”
46. Исус пак рече: „Некој се допре до Мене, зашто почувствував дека сила излезе од Мене.”
47. А штом жената виде дека не може да се сокрие, пристапи треперејќи, падна пред Него и кажа пред сиот народ, зошто се допрела до Него и како оздравела веднаш.
48. А Тој и рече: „Ќерко, твојата вера те спаси; оди си со мир!”
49. Додека Тој уште зборуваше, дојде некој од куќата на настојникот и рече: „Ќерка ти умре, не измачувај Го повеќе Учителот!”
50. Штом Исус чу, му рече: „Не бој се! Само верувај и ќе биде спасена.”
51. А кога дојде во куќата, не му дозволи никому да влезе со Него, освен на Петра, Јована и Јакова, и на таткото и мајката на девојчето.
52. Сите плачеа и тажеа по неа. Тој пак им рече: „Не плачете, зашто не е умрена, туку спие!”
53. И Му се потсмевнуваа, зашто знаеја дека е умрена.