Лука 8:30-42 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

30. Исус го праша: „Како ти е името?” Тој пак рече: „Легион”, зашто многу демони влегле во него.

31. И Го замолија да не им наредува да одат во бездната.

32. А таму по ридот, имаше големо стадо свињи, што пасеа. И демоните Го замолија да им дозволи да влезат во свињите, и им дозволи.

33. И откако излегоа демоните од човекот, влегоа во свињите; и стадото се спушти низ стрмнината во езерото и се удави.

34. А кога пастирите видоа што се случи, избегаа и јавија за тоа во градот и во селата.

35. Луѓето пак излегоа да видат што се случи, па дојдоа при Исуса и го најдоа човекот, од кого излегоа нечистите духови, како седи до Исусовите нозе, облечен и умен, и се исплашија.

36. А тие, кои го видоа тоа, им раскажаа како беше спасен бесниот.

37. И целото множество од Гадаринската околина Го замоли да отиде од нив, зашто ги опфати голем страв, Тој пак влезе во коработ и се врати.

38. А човекот, од кого излегоа демоните, Го молеше да остане со Него; но го отпушти, велејќи:

39. ”Врати се во својот дом и раскажувај што ти направи Бог!” И си отиде разгласувајќи по целиот град што му направи Исус.

40. А кога се врати Исус, народот Го прими, зашто сите Го чекаа.

41. И ете, дојде човек, по име Јаир, кој беше настојник на синагогата, и падна пред Исусовите нозе и Го замоли да влезе во Неговата куќа,

42. зашто имаше единствена ќерка, на околу дванаесет години, и таа беше на умирање. И кога одеше, народот се туркаше околу Него.

Лука 8