18. И така, внимавајте како слушате! Зашто, кој има, ќе му се даде; кој нема, ќе му се одземе и она, што мисли дека го има.”
19. А мајка Му и браќа Му дојдоа при Него, но не можеа да Му се приближат заради множеството.
20. И некој Му јави: „Мајка Ти и Твоите браќа стојат надвор и сакаат да Те видат.”
21. А Тој им одговори и рече: „Моја мајка и Мои браќа се оние, кои го слушаат Божјото Слово и го исполнуваат.”
22. А еден ден, Тој влезе во кораб со Своите ученици и им рече: „Да минеме на другата страна на езерото!” И отпловија.
23. А Тој заспа додека пловеа. Тогаш над езерото се спушти бура и коработ се наполни со вода, и беа во опасност.
24. И дојдоа и Го разбудија, велејќи: „Учителе, Учителе! Загинуваме!” А Тој се разбуди, им запрети на ветерот и на брановите и се смирија, па настана тишина.
25. А ним им рече: „Каде ви е верата?” А тие, уплашени се чудеа и си рекоа еден на друг: „Кој е Овој што им заповеда на ветровите и на водата, и Му се покоруваат?”
26. И допловија до Гадаринскиот крај, спроти Галилеја.
27. А кога излезе на копно, Го сретна еден човек од градот, кој имаше зли духови, и долго време не носеше облека, ниту живееше во куќа, туку во гробовите.
28. Кога Го виде Исуса, извика, падна пред Него и рече многу гласно: „Што сакаш од мене, Исусе, Сине на Сèвишниот Бог? Те молам, не ме измачувај!”
29. Зашто му беше заповедал на нечистиот дух да излезе од човекот, кого го опфатил одамна, така што го врзуваа со вериги и го држеа во окови, и го чуваа, но тој ги раскинуваше оковите и бесот го гонеше во пустините.
30. Исус го праша: „Како ти е името?” Тој пак рече: „Легион”, зашто многу демони влегле во него.
31. И Го замолија да не им наредува да одат во бездната.
32. А таму по ридот, имаше големо стадо свињи, што пасеа. И демоните Го замолија да им дозволи да влезат во свињите, и им дозволи.