Лука 8:15-34 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

15. А она на добрата земја - тоа се оние, кои ќе го чујат Словото, го чуваат во добро и чисто срце и донесуваат плод во трпение.”

16. ”Никој - кој запалил светилка - не ја покрива со сад ниту ја става под леглото, туку ја става на светилник, за да ја видат светлината оние, кои влегуваат.

17. Зашто нема ништо тајно, што не ќе стане јавно; ниту скриено, што не ќе се разбере и излезе на видело.

18. И така, внимавајте како слушате! Зашто, кој има, ќе му се даде; кој нема, ќе му се одземе и она, што мисли дека го има.”

19. А мајка Му и браќа Му дојдоа при Него, но не можеа да Му се приближат заради множеството.

20. И некој Му јави: „Мајка Ти и Твоите браќа стојат надвор и сакаат да Те видат.”

21. А Тој им одговори и рече: „Моја мајка и Мои браќа се оние, кои го слушаат Божјото Слово и го исполнуваат.”

22. А еден ден, Тој влезе во кораб со Своите ученици и им рече: „Да минеме на другата страна на езерото!” И отпловија.

23. А Тој заспа додека пловеа. Тогаш над езерото се спушти бура и коработ се наполни со вода, и беа во опасност.

24. И дојдоа и Го разбудија, велејќи: „Учителе, Учителе! Загинуваме!” А Тој се разбуди, им запрети на ветерот и на брановите и се смирија, па настана тишина.

25. А ним им рече: „Каде ви е верата?” А тие, уплашени се чудеа и си рекоа еден на друг: „Кој е Овој што им заповеда на ветровите и на водата, и Му се покоруваат?”

26. И допловија до Гадаринскиот крај, спроти Галилеја.

27. А кога излезе на копно, Го сретна еден човек од градот, кој имаше зли духови, и долго време не носеше облека, ниту живееше во куќа, туку во гробовите.

28. Кога Го виде Исуса, извика, падна пред Него и рече многу гласно: „Што сакаш од мене, Исусе, Сине на Сèвишниот Бог? Те молам, не ме измачувај!”

29. Зашто му беше заповедал на нечистиот дух да излезе од човекот, кого го опфатил одамна, така што го врзуваа со вериги и го држеа во окови, и го чуваа, но тој ги раскинуваше оковите и бесот го гонеше во пустините.

30. Исус го праша: „Како ти е името?” Тој пак рече: „Легион”, зашто многу демони влегле во него.

31. И Го замолија да не им наредува да одат во бездната.

32. А таму по ридот, имаше големо стадо свињи, што пасеа. И демоните Го замолија да им дозволи да влезат во свињите, и им дозволи.

33. И откако излегоа демоните од човекот, влегоа во свињите; и стадото се спушти низ стрмнината во езерото и се удави.

34. А кога пастирите видоа што се случи, избегаа и јавија за тоа во градот и во селата.

Лука 8