Лука 7:1-15 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. А кога ги сврши сите Свои зборови, во ушите на народот, влезе во Капернаум.

2. А слугата на еден стотник - кого тој го почитуваше - беше болен на умирање.

3. И кога чу за Исуса, испрати при Него јудејски старешини, за да Го замолат да дојде и да му го излекува слугата.

4. А кога стигнаа при Исуса, Го молеа усрдно, велејќи: „Заслужува да го направиш тоа за него,

5. зашто го љуби нашиот народ. И синагога ни изгради.”

6. Исус тргна со нив. И кога веќе не беше далеку од куќата, стотникот испрати пријатели да Му речат: „Господи, не труди се, зашто не сум достоен да влезеш под мојот покрив.

7. Затоа и не се сметав достоен да Ти пристапам - туку кажи само збор и мојот слуга ќе оздрави!

8. Зашто исто и јас сум човек под власт, и имам потчинети војници; и на едниот му велам: ‘Оди!’ и тој оди; а на другиот: ‘Дојди!’ - и доаѓа; а на својот слуга: ‘Направи го тоа!’ - и го прави.”

9. Кога го чу тоа, Исус се зачуди и се заврте кон народот, што врвеше по Него и рече: „Ви велам, толкава вера не најдов ни во Израел.”

10. И кога испратените се вратија дома, го најдоа слугата здрав.

11. Потоа Исус отиде во градот наречен Наин; а со Него одеа Неговите ученици и големо множество.

12. А кога се приближи до градската врата, ете, изнесуваа мртовец, единствен син на мајка му, која беше вдовица и со неа имаше големо множество од градот.

13. А кога Господ ја виде, се сожали на неа и и рече: „Не плачи!”

14. Тогаш се приближи и го допре носилото - носителите пак застанаа - и рече: „Момче, тебе ти зборувам, стани!”

15. Мртвиот седна и почна да зборува; и Тој го предаде на мајка му.

Лука 7