11. И ги извлекоа корабите на суво, оставија сè и отидоа по Него.
12. И кога беше во еден град, ете, човек целиот лепрозен, штом Го виде Исуса падна ничкум и Го замоли, велејќи: „Господи, ако сакаш, можеш да ме очистиш.”
13. Тогаш ја протегна раката, го допре и рече: „Сакам, очисти се!” И веднаш лепрата падна од него.
14. И му заповеда никому да не му кажува, туку му рече: „Оди, покажи му се на свештеникот и принеси жртва за твоето очистување, како што заповеда Мојсеј, ним за сведоштво!”
15. А гласот за Него сè повеќе се разнесуваше и големо множество народ доаѓаше да Го слуша и да се лечи од своите болести.
16. А Тој се повлекуваше во пустината и се молеше.
17. И кога еден ден поучуваше, седеа фарисеите и законоучителите, кои дојдоа од сите галилејски и јудејски села и од Ерусалим. А Господовата сила беше таму за да ги исцели.
18. И ете, луѓето донесоа на постела фатен човек и гледаа да го внесат и да го положат пред Него.
19. И бидејќи не најдоа од каде да го внесат заради множеството, се искачија на покривот и го спуштија низ отвор, сосè постела, насредина пред Исуса.
20. Кога ја виде нивната вера, рече: „Човеку, ти се опростуваат гревовите.”
21. Тогаш книжниците и фарисеите почнаа да размислуваат, велејќи: „Кој е Овој, Кој хули на Бога? Кој може да ги опростува гревовите освен Единиот Бог?”
22. А Исус, кога ги созна нивните мисли, во одговор им рече: „Зошто размислувате така во своите срца?