Лука 4:7-23 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

7. И така, ако ми се поклониш, сè ќе биде Твое.”

8. А Исус одговори и му рече: „Бегај од Мене, сатано, оти е напишано: ‘Поклонувај Му се на Господа, Твојот Бог, и само Нему служи Му!’

9. И Го одведе во Ерусалим и Го постави на врвот на Храмот и Му рече: „Ако си Божји Син, фрли се оттука долу,

10. зашто е напишано: ‘Ќе им заповеда на Своите ангели за Тебе, да Те запазат

11. и ќе Те носат на раце, за да не си ја сопнеш Твојата нога на камен.’

12. Исус одговори и му рече: „Кажано е: ‘Не искушувај Го Господа, Својот Бог.’”

13. И откако го заврши секое искушение, ѓаволот отстапи од Него за некое време.

14. И Исус се врати, во силата на Духот, во Галилеја и гласот за Него се разнесе по целата околина.

15. А Тој поучуваше по нивните синагоги и сите Го прославуваа.

16. И дојде во Назарет, каде што беше пораснал; влезе во саботен ден во синагогата, според Својот обичај, и стана да чита.

17. Му го подадоа книжниот свиток на пророкот Исаија и го одвитка и го најде местото каде што беше напишано:

18. ”Господовиот Дух е на Мене, зашто Ме помаза и Ме испрати да им проповедам на бедните; да ги исцелам скрушените по срце,

19. да им навестам на заробениците, дека ќе бидат пуштени, на слепите дека ќе прогледаат; да ги пуштам на слобода напатените; и да ја навестам благопријатната Господова година.”

20. Го завитка свитокот, му го врати на службеникот и седна, а очите на сите во синагогата беа свртени кон Него.

21. И почна да им зборува: „Денес се исполни ова писмо, во вашите уши.

22. И сите Му посведочија и им се восхитуваа на благодатните зборови, што излегуваа од Неговата уста. И велеа: „Не е ли Овој Синот Јосифов?”

23. И им рече: „Секако ќе ми ја кажете пословицава: ‘Лекаре, излечи се сам!’ Направи и тука, во својот роден крај, сè што чувме дека си направил во Капернаум.”

Лука 4