11. А ним овие зборови им изгледаа како празна шега, и не им веруваа.
12. А Петар стана и отрча до гробот се наведна и ги виде само ленените завои, и отиде назад, чудејќи се за она што се случило.
13. И ете, во истиот ден, двајца од нив одеа во едно село, наречено Емаус, оддалечено шеесет стадии од Ерусалим,
14. и разговараа меѓу себе за сите овие настани.
15. И додека тие разговараа и се запрашуваа, Сам Исус им се приближи и одеше со нив.
16. Но на нивните очи не им беше дадено да Го препознаат.
17. И им рече: „Какви се тие зборови што ги водите патем меѓу себе и зошто сте нажалени?”
18. И едниот од нив, по име Клеопа, Му одговори и рече: „Дали си Ти единствениот странец во Ерусалим, Кој не знаеш, што се случило во него овие дни?”
19. И им рече: „Што?” А тие Му рекоа: „Она што стана со Исуса Назареецот, Кој беше пророк силен на дело и во словото, пред Бога и пред целиот народ:
20. како нашите свештенички главатари и старешини Го предадоа да биде осуден на смрт и Го распнаа,
21. А ние се надевавме дека е Тој Оној, Кој ќе го избави Израел. И покрај сето тоа, веќе е трет ден откако стана ова.
22. А нè збунија и некои жени од нашите, кои биле многу рано на гробот,
23. и не го нашле Неговото тело; дојдоа и кажаа дека виделе и појава на ангели, кои им рекле дека Тој е жив.
24. Некои од нашите отидоа до гробот и најдоа како што рекоа жените, но Него не Го виделе.”