2. и Му рекоа: „Кажи ни со каква власт го правиш тоа? Или, Кој е тој, што Ти ја даде таа власт?”
3. А Тој во одговор им рече: „И Јас ќе ви поставам едно прашање и кажете ми:
4. Јовановото крштавање од небото ли беше, или од луѓето?”
5. А тие размислуваа меѓу себе, велејќи: „Ако речеме: ‘од небото’, ќе ни рече: ‘Зошто тогаш не му верувавте?’
6. Ако речеме - ‘од луѓето’ - сиот народ ќе не убие со камења, зашто е уверен дека Јован е пророк.”
7. И одговорија дека не знаат од каде е.
8. А Исус им рече: „Ни Јас нема да ви кажам со каква власт го вршам ова.”
9. И почна да му ја раскажува на народот оваа парабола: „Некој човек насади лозје, и го даде под наем на земјоделци, и си отиде на подолго време.
10. А кога дојде време, испрати свој слуга при земјоделците, за да му дадат од плодовите на лозјето. Земјоделците го натепаа и го испратија назад празен.
11. И пак испрати друг слуга, а тие го натепаа и него, го засрамија и го испратија празен.
12. Испрати и трет, а тие и него го ранија и го исфрлија.
13. Тогаш господарот на лозјето рече: „Што да правам? Ќе го испратам својот возљубен син. Можеби од него ќе се засрамат.
14. А кога земјоделците го видоа, почнаа да размислуваат меѓу себе: „Овој е наследникот! Да го убиеме, за да биде наследството наше!”
15. И го исфрлија надвор од лозјето и го убија. И така, што ќе им направи господарот на лозјето?
16. Ќе дојде и ќе ги погуби земјоделците, а лозјето ќе им го даде на други.” А кога тие го чуја тоа, рекоа: „Да не биде!”