33. А Јосиф и мајка Му се чудеа на она, што зборуваше за Него.
34. И Симеон ги благослови и и рече на Неговата мајка Марија: „Гледај! Овој е поставен за паѓање и подигање на мнозина во Израел, и знак на кој ќе му се противат,
35. а на самата Тебе мечот ќе ти ја прободе душата - за да се откријат мислите на многу срца.
36. Беше и пророчицата Ана, Фануилова ќерка, од Асировото племе; таа беше во многу напредната возраст; од своето моминство проживеала со мажот седум години,
37. а како вдовица до осумдесет и четвртата година, не го напушташе Храмот, служејќи Му на Бога со пост и молитва ноќе и дење.
38. И во истиот час таа дојде и Го славеше Бога и им зборуваше за Него на сите во Ерусалим, кои го очекуваа спасението.
39. И кога свршија сè според Господовиот Закон - се вратија во Галилеја во својот град Назарет.
40. А детето растеше и јакнеше во дух, исполнувајќи се со мудрост, и Божјата благодат беше на Него.
41. И секоја година Неговите родители одеа во Ерусалим на празникот Пасха.
42. Кога му беа пак дванаесет години отидоа, според обичајот во Ерусалим, на празникот.
43. И кога ги поминаа деновите, на враќање дома, Детето Исус остана во Ерусалим, а Неговите родители не знаеја за тоа,
44. туку, мислејќи дека е меѓу сопатниците, изминаа еден ден пат и Го бараа меѓу роднините и познатите.