24. и да принесат жртва, како што е речено во Господовиот Закон - две грлици или две гулапчиња.
25. И ете, во Ерусалим живееше човек по име Симеон, и тоа човек праведен и благочестив, кој ја чекаше Израелевата утеха; и Светиот Дух беше над него.
26. Нему Светиот Дух му прорече дека нема да види смрт, додека не Го види Христа Господов.
27. И вдахновен од Светиот Дух дојде во Храмот; и кога родителите Го внесоа Детенцето Исус, за да го извршат врз Него обичајот на Законот,
28. Го зеде на своите раце, Го благослови Бога и рече:
29. ”Сега, Господару, отпушти го Својот служител со мир, според Твојот збор,
30. зашто моите очи го видоа Твоето спасение,
31. кое го приготви пред лицето на сите луѓе,
32. светлина за осветлување на народите и слава на Твојот народ Израел.”
33. А Јосиф и мајка Му се чудеа на она, што зборуваше за Него.
34. И Симеон ги благослови и и рече на Неговата мајка Марија: „Гледај! Овој е поставен за паѓање и подигање на мнозина во Израел, и знак на кој ќе му се противат,
35. а на самата Тебе мечот ќе ти ја прободе душата - за да се откријат мислите на многу срца.
36. Беше и пророчицата Ана, Фануилова ќерка, од Асировото племе; таа беше во многу напредната возраст; од своето моминство проживеала со мажот седум години,
37. а како вдовица до осумдесет и четвртата година, не го напушташе Храмот, служејќи Му на Бога со пост и молитва ноќе и дење.
38. И во истиот час таа дојде и Го славеше Бога и им зборуваше за Него на сите во Ерусалим, кои го очекуваа спасението.
39. И кога свршија сè според Господовиот Закон - се вратија во Галилеја во својот град Назарет.
40. А детето растеше и јакнеше во дух, исполнувајќи се со мудрост, и Божјата благодат беше на Него.