21. Тој пак рече: „Сето тоа го запазив од мојата младост!”
22. А кога Исус го чу тоа, му рече: „Уште едно не ти достига: продај сè што имаш, и раздај го на бедните и ќе имаш сокровиште на небесата! Тогаш, дојди и следи Ме!”
23. Кога го чу тоа се нажали мошне, зашто беше многу богат.
24. А кога Исус го виде таков, рече: „Колку тешко ќе влезат во Божјото Царство, оние, кои имаат богатство.
25. Полесно и е на камилата да мине низ иглени уши, отколку на богат да влезе во Божјото Царство.”
26. А оние, кои чуја, рекоа: „Тогаш, кој може да се спаси?”
27. Тој пак рече: „Што им е невозможно на луѓето, тоа е можно на Бога.”
28. А Петар рече: „Ете, ние оставивме сè и тргнавме по Тебе!”
29. Тој им рече: „Вистина ви велам, нема никој што заради Божјото Царство оставил: куќа или жена или браќа, или родители или деца,
30. а кој не ќе прими многу повеќе во ова време, а во идниот век - вечен живот.”
31. И кога ги зеде со Себе Дванаесетте им рече: „Еве, одиме горе во Ерусалим; и ќе се исполни сè што пишувале пророците за Човечкиот Син,
32. зашто ќе биде предаден на многубошците, и ќе Му се потсмеваат, и ќе биде измачуван и плукан;
33. и кога ќе Го бичуваат, ќе Го убијат, но ќе воскресне на третиот ден.”
34. Но тие не разбраа ништо од тоа, зашто тој збор беше сокриен од нив и не разбраа, што им беше речено.