11. Фарисејот застана и се молеше во себеси вака: ‘Боже! Ти благодарам што не сум како другите луѓе - разбојници, неправедници, прељубници, или како овој цариник;
12. постам двапати во седмицата и давам десеток од сè што придобивам.’
13. А цариникот стоеше далеку и не сакаше ни очите да ги подигне кон небото, туку се удираше по градите и велеше: ‘Боже, биди милостив спрема мене грешникот!’
14. Ви велам, овој се врати дома повеќе оправдан, отколку оној; зашто секој кој се возвишува себеси, ќе биде понижен; а кој се понизува себеси, ќе биде возвишен.”
15. Му донесуваа и мали деца, за да ги допре; а кога учениците го видоа тоа, им забрануваа.
16. Но Исус ги повика и рече: „Оставете ги дечињата да доаѓаат при Мене и не пречете им, зашто на таквите им припаѓа Божјото Царство!
17. Вистина ви велам, кој не го прими Божјото Царство како дете, тој никако нема да влезе во него.”
18. И еден началник го праша, велејќи: „Учителе добар, што треба да направам за да наследам вечен живот?”
19. А Исус му рече: „Зошто Ме наречуваш добар? Никој не е добар, освен Единиот Бог.
20. Ги знаеш заповедите: „Не прељубодејствувај! Не убивај! Не кради! Не сведочи лажно! Почитувај ги татка си и мајка си!”
21. Тој пак рече: „Сето тоа го запазив од мојата младост!”
22. А кога Исус го чу тоа, му рече: „Уште едно не ти достига: продај сè што имаш, и раздај го на бедните и ќе имаш сокровиште на небесата! Тогаш, дојди и следи Ме!”
23. Кога го чу тоа се нажали мошне, зашто беше многу богат.
24. А кога Исус го виде таков, рече: „Колку тешко ќе влезат во Божјото Царство, оние, кои имаат богатство.
25. Полесно и е на камилата да мине низ иглени уши, отколку на богат да влезе во Божјото Царство.”