Лука 15:15-32 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

15. И отиде и се прилепи при еден човек на онаа земја, тој го испрати на своите полиња, за да ги пасе свињите.

16. И сакаше да го наполни својот желудник со лушпи, што ги јадеа свињите, но никој не му ги даваше.

17. А кога дојде на себеси, рече: ‘Колку наемници при татка ми имаат леб во изобилство, а јас умирам од глад тука!

18. Ќе станам и ќе отидам при татка си, и ќе му речам: ‘Татко, згрешив против небото и пред тебе;

19. не сум веќе достоен да се наречувам твој син. Прими ме како еден од своите наемници!’

20. И стана и тргна кон татка си. И кога беше уште далеку, неговиот татко го виде и му се сожали, па се растрча, и му се фрли на вратот и го целиваше.

21. А синот му рече: ‘Татко, зрешив против небото и пред тебе; не сум веќе достоен да се наречувам твој син!’

22. Но таткото им рече на своите слуги: ‘Бргу, донесете ја најубавата облека, и облечете го и ставете му прстен на раката, и обувки на нозете.

23. Дотерајте го згоеното теле и заколете го, да јадеме и да се веселиме,

24. зашто овој мој син беше мртов и оживе, беше изгубен - и се најде.’ И почнаа да се веселат.

25. А неговиот постар син беше во полето. Кога пак доаѓаше и и се приближи на куќата, чу песна и играње;

26. па повика еден од слугите и го праша што е тоа.

27. А тој му рече: ‘Брат ти си дојде и твојот татко го закла згоеното теле, зашто го прими здрав.’

28. Тој се налути и не сакаше да влезе; а неговиот татко излезе и почна да го моли.

29. А тој му одговори на татка си: ‘Еве, ти служам толку години и никогаш не прекршив ниедна твоја заповед, а ти никогаш не ми даде ни јаре, за да се повеселам со своите пријатели.

30. А кога дојде овој твој син, кој го растури твојот имот со блудници, му закла згоено теле!’

31. Тој пак му рече: ‘Чедо, ти си секогаш со мене, и сè што е мое - е твое;

32. но требаше да се веселиме и да се радуваме, зашто овој твој брат беше мртов и оживе; беше изгубен и се најде.’”

Лука 15