5. А ним им рече: „Кој од вас, кога ќе му падне синот или волот во кладенец, не ќе го извади веднаш во сабота?”
6. И не можеа ништо да Му одговорат на тоа.
7. А на гостите им кажа парабола, кога забележа како ги избраа првите места и им рече:
8. ”Кога ќе те повика некој на свадба, не седнувај на прво место, за да не повика случајно некој, кој е поугледен од тебе,
9. и за да не ти рече - кога ќе дојде - оној, кој те повикал тебе, и него: ‘Отстапи му го местото на овој!’ И тогаш ќе треба засрамен да го заземеш последното место.
10. Но, кога ќе те повикаат, оди и седни на последното место, за да ти рече - кога ќе дојде - оној, кој те повикал: ‘Пријателе, премести се погоре!’ Тогаш ќе имаш чест пред сите, кои се со тебе покрај трпезата.
11. Зашто, секој кој се возвишува, ќе биде понизен; а кој се понизува, ќе биде возвишен.”
12. Му рече и на оној, кој Го повика: „Кога даваш ручек или вечера, не повикувај ги своите пријатели, ни твоите браќа, ни своите роднини, ниту богатите соседи, за да не те повикаат и тие и да ти биде вратено.
13. Туку кога даваш гозба, повикај ги бедните, сакатите, хромите и слепите!
14. И ќе бидеш блажен, зашто немаат со што да ти вратат! Ќе ти биде вратено при воскресението на праведниците.”
15. Кога го чу тоа еден од гостите, Му рече: „Блажен е оној, кој ќе јаде леб во Божјото Царство!”
16. Тој му рече: „Еден човек приготви голема вечера и повика мнозина.
17. А кога беше време за вечера, го испрати својот слуга да им рече на повиканите: ‘Дојдете, зашто веќе сè е готово!’
18. И сите, како договорени, почнаа да се извинуваат. Првиот рече: ‘Купив нива и треба да отидам да ја видам. Те молам, извини ме!’
19. Другиот му рече: ‘Купив пет двојки волови и одам да ги пробам; те молам, извини ме!’
20. И третиот рече: ‘Се оженив, затоа не можам да дојдам!’
21. И слугата дојде и му го кажа тоа на својот господар. Тогаш домаќинот се разгневи и му рече на својот слуга: ‘Излези бргу на раскрсниците и градските улици и доведи ги ваму бедните, сакатите, слепите и хромите!’
22. И слугата му рече: ‘Господаре, направено е како што заповеда, но уште има место.’
23. И господарот му рече на слугата: ‘Излези по патиштата и по оградите и натерај ги да дојдат, за да се наполни мојот дом.
24. Зашто ви велам: ниеден од повиканите нема да вкуси од мојата вечера.’”