10. Но, кога ќе те повикаат, оди и седни на последното место, за да ти рече - кога ќе дојде - оној, кој те повикал: ‘Пријателе, премести се погоре!’ Тогаш ќе имаш чест пред сите, кои се со тебе покрај трпезата.
11. Зашто, секој кој се возвишува, ќе биде понизен; а кој се понизува, ќе биде возвишен.”
12. Му рече и на оној, кој Го повика: „Кога даваш ручек или вечера, не повикувај ги своите пријатели, ни твоите браќа, ни своите роднини, ниту богатите соседи, за да не те повикаат и тие и да ти биде вратено.
13. Туку кога даваш гозба, повикај ги бедните, сакатите, хромите и слепите!
14. И ќе бидеш блажен, зашто немаат со што да ти вратат! Ќе ти биде вратено при воскресението на праведниците.”
15. Кога го чу тоа еден од гостите, Му рече: „Блажен е оној, кој ќе јаде леб во Божјото Царство!”
16. Тој му рече: „Еден човек приготви голема вечера и повика мнозина.
17. А кога беше време за вечера, го испрати својот слуга да им рече на повиканите: ‘Дојдете, зашто веќе сè е готово!’
18. И сите, како договорени, почнаа да се извинуваат. Првиот рече: ‘Купив нива и треба да отидам да ја видам. Те молам, извини ме!’
19. Другиот му рече: ‘Купив пет двојки волови и одам да ги пробам; те молам, извини ме!’
20. И третиот рече: ‘Се оженив, затоа не можам да дојдам!’
21. И слугата дојде и му го кажа тоа на својот господар. Тогаш домаќинот се разгневи и му рече на својот слуга: ‘Излези бргу на раскрсниците и градските улици и доведи ги ваму бедните, сакатите, слепите и хромите!’
22. И слугата му рече: ‘Господаре, направено е како што заповеда, но уште има место.’
23. И господарот му рече на слугата: ‘Излези по патиштата и по оградите и натерај ги да дојдат, за да се наполни мојот дом.
24. Зашто ви велам: ниеден од повиканите нема да вкуси од мојата вечера.’”
25. А кога големо множество одеше со него, Тој се заврти и им рече:
26. ”Ако некој дојде при Мене, а не ги намрази: татка си и мајка си, и жена си, и децата, и браќата и сестрите, па и својата сопствена душа, не може да биде Мој ученик.
27. Кој не го носи својот крст и не оди по Мене, не може да биде Мој ученик.
28. Зашто, кој од вас, кога сака да изгради кула, не ќе седне прво да ги пресмета трошоците, дали има со што да ја доврши?