Лука 12:42-53 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

42. А Господ рече: „Имено, кој е оној верен и разумен домоуправител, кого господарот ќе го постави над своите слуги, за да им дава храна на време?

43. Блажен е оној слуга, кога господарот - кога дојде - ќе го најде да работи така!

44. Вистина ви велам, ќе го постави над целиот свој имот.

45. Но ако оној слуга рече во своето срце: ‘Мојот господар нема да дојде скоро,’ па почне да ги бие момчињата и момичињата, да јаде, да пие и да се пијани;

46. господарот на тој слуга ќе дојде во ден, кога не го очекува, и во час, што не го знае, и ќе го расече и ќе ја одреди неговата судбина со неверните.

47. А оној слуга, кој ја знаел волјата на својот господар, и не приготвил и не постапил според неговата волја, ќе биде многу биен.

48. А оној, кој не знаел, а направил нешто што заслужува биење, ќе биде малку биен. Од секој - кому му е дадено многу - ќе се бара многу; и кому му е поверено многу, од него ќе се бара повеќе.”

49. ”Дојдов да фрлам оган на земјата, и колку би сакал веќе да е запален!

50. Но треба да се крстам со крштавање, и колку ми е тешко додека не се изврши.

51. Мислите ли дека дојдов да и донесам мир на земјата? Не, ви велам, туку раздор,

52. зашто отсега петмина, во една куќа, ќе бидат разделени: тројца против двајца, двајца против тројца;

53. ќе се разделат: таткото против синот, и синот против таткото; мајката против ќерката, и ќерката против мајката; свекрвата против својата снаа, и снаата против свекрвата.”

Лука 12