Лука 12:18-31 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

18. И рече: ‘Вака ќе направам - ќе ги разурнам своите житници и ќе изградам поголеми, и таму ќе ги соберам сето свое жито и сите свои добра.

19. Тогаш ќе и речам на својата душа - душо, имаш многу блага, натрупани за многу години; почивај, јади, пиј и уживај!’

20. Но Бог му рече: ‘Безумниче, ноќеска ќе ти се побара твојата душа! Чие ќе биде тоа, што си го приготвил?’

21. Така бидува со оној, кој собира благо за себеси, а не се богати во Бога.”

22. Уште им рече на Своите ученици: „Затоа ви велам: не грижете се за својата душа - што ќе јадете; ниту за телото свое - што ќе облечете;

23. зашто душата е повеќе од храната, а телото од облеката.

24. Погледнете ги гавраните како ни сејат, ни жнијат; немаат ни скривалишта, ни житници, а Бог ги храни. Колку повеќе вредите од птиците!

25. А кој од вас може - грижејќи се - да му додаде еден лакот на својот раст?

26. И така, ако не можете да го направите ни најмалото, зошто се грижите за другото?

27. Погледнете како растат лилјаните? Тие не се трудат и не предат; а Јас ви велам дека ни Соломон, во сета своја раскош, не се облече како еден од нив.

28. Ако Бог така ја облекува тревата во полето, што денес ја има, а утре ја фрлаат во печка; колку повеќе вас, маловерни?

29. И така, не барајте што ќе јадете и што ќе пиете; и не се вознемирувајте со грижи!

30. Сето тоа го бараат народите на светот, а вашиот Татко знае дека тоа ви е потребно.

31. Туку барајте го Неговото Царство, а тоа ќе ви се придаде!

Лука 12