1. Во меѓувреме се собра едно многуилјадно множество, така што се газеа еден со друг; почна да им зборува првин на Своите ученици: „Пазете се од фарисејскиот квас, што е лицемерие!
2. Нема ништо сокриено, што не ќе се открие; ниту тајно, што не ќе се узнае!
3. Затоа, тоа што сте рекле во темнина, ќе се чуе на видело; и што сте рекле на уво во собите, ќе биде разгласено од покривите.
4. А вам, на Моите пријатели, ви велам: не бојте се од оние, кои го убиваат телото, а потоа не можат ништо повеќе да направат!
5. Но ќе ве предупредам од кого да се боите: бојте се од Оној, Кој - по убивањето - има власт да фрли во пеколот! Да, ви велам, бојте се од Него!
6. Зар не се продаваат две врапчиња за два асарија? И ниедно од нив не е заборавено пред Бога.
7. А вам ви се изброени и сите влакна на главата! Не бојте се! Вие вредите повеќе од многу врапчиња.
8. И ви велам: секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, и Човечкиот Син ќе го признае пред Божјите ангели;
9. а кој се одрече од Мене пред луѓето, ќе биде одречен пред Божјите ангели.
10. На секој, што ќе рече збор против Човечкиот Син, ќе му биде простено; но на оној, кој похули против Светиот Дух, нема да му се прости.
11. И кога ќе ве одведат во синагогите и пред началствата, не грижете се како и со што ќе се браните или што ќе кажете,
12. зашто Светиот Дух ќе ве научи во истиот час, што треба да кажете!