31. Царицата на Југот ќе се јави на суд со луѓето од ова поколение и ќе го осуди; зашто дојде од крајот на земјата, за да ја чуе Соломоновата мудрост. А ете, тука е поголем од Соломона!
32. Ниневијците ќе се јават на суд со овој род и ќе го осудат, зашто се покајаа од Јонината проповед, а ете, тука е поголем од Јона!
33. Никој не става запалено светило во сокриено место или под вршник, туку на светилник, за да ја видат светлината оние, кои влегуваат.
34. Светило на телото е твоето око. Ако твоето око е бистро - целото твое тело е осветлено; ако пак е зло, во мрак е и твоето тело.
35. Затоа внимавај светлината што е во тебе - да не биде темнина!
36. Ако целото твое тело е осветлено, без да има темен дел, тоа ќе биде целото осветлено, како кога светилката те осветлува со своето светење.”
37. И додека Тој зборуваше, еден фарисеј Го помоли да руча кај него; Тој влезе и седна.
38. А штом фарисејот го виде тоа, се зачуди зашто Тој не се изми пред јадење.
39. А Господ му рече: „Да, вие фарисеите ја чистите надворешноста на чашата и чинијата, а вашата внатрешност е полна со грабеж и лукавство.
40. Неразумници! Зар Оној Кој ја создаде надворешноста, не ја создаде и внатрешноста?
41. Туку, дајте го како милостина тоа што е внатре, и ете, сè ќе ви биде чисто.
42. Но, горко ви вам, фарисеи, кои давате десеток од нане и од горчлива трева, и од секаков зеленчук, а ги занемарувате праведноста и Божјата љубов! Ова требаше да го правите, а она, да не го оставате.
43. Горко ви вам, фарисеи, зашто ги сакате првите седишта во синагогите и поздравите по пазарите.
44. Горко ви вам, зашто сте како гробови, што не се забележуваат, така што луѓето кои одат преку нив, не знаат.”