22. Но кога ќе дојде посилен од него и го совлада, му го одзема оружјето, на кое се надевал, и ќе го раздели ограбеното од него.
23. Кој не е со Мене, тој е против Мене и кој не собира со Мене, тој растура!
24. Кога нечист дух ќе излезе од човекот, тој скита по безводни места и бара спокојство. И кога не ќе го најде, вели: ‘Ќе се вратам во својот дом, од каде излегов.’
25. И кога ќе дојде, го наоѓа изметен и среден.
26. Тогаш оди и зема седум други демони, полоши од себе, па кога ќе влезат - живеат таму и последната состојба на оној човек станува полоша од првата.”
27. А кога го зборуваше тоа, една жена од множеството извика: „Блажена е утробата, која Те носела; и градите од кои си се хранел.”
28. А Тој рече: „Уште повеќе се блажени оние, кои го слушаат Божјото слово и го пазат.”
29. А кога народот се собираше, почна да зборува: „Ова поколение е лошо поколение; бара знак, но нема да му биде даден, освен знакот на Јона.
30. Имено, како што Јона им беше знак на Ниневијците, така и Човечкиот Син ќе биде за овој род.
31. Царицата на Југот ќе се јави на суд со луѓето од ова поколение и ќе го осуди; зашто дојде од крајот на земјата, за да ја чуе Соломоновата мудрост. А ете, тука е поголем од Соломона!
32. Ниневијците ќе се јават на суд со овој род и ќе го осудат, зашто се покајаа од Јонината проповед, а ете, тука е поголем од Јона!
33. Никој не става запалено светило во сокриено место или под вршник, туку на светилник, за да ја видат светлината оние, кои влегуваат.