Лука 10:10-22 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

10. Ако пак влезете во некој град и не ве примат, излезете на неговите улици и речете:

11. ”И правот од вашиот град - што се залепил на нашите нозе - ви го истресуваме; но знајте го ова - Божјото Царство се приближи.”

12. Ви велам - полесно ќе му биде на Содом во оној ден, отколку на тој град.”

13. ”Горко ти, Хоразине! Горко ти, Витсаидо! Зашто ако во Тир и Сидон беа извршени чудата, што се случија во вас, веќе одамна би се покајале, облечени во вреќи и во пепел.

14. Но на Тир и Сидон полесно ќе им биде на Судот, отколку вам!

15. И ти Капернауме, зар ќе се издигнеш до небо? Ќе бидеш разурнат до пеколот!

16. Кој ве слуша вас, Мене Ме слуша; и кој ве отфрла вас, Мене Ме отфрла; а кој Ме отфрла Мене, Го отфрла Оној, Кој Ме пратил.”

17. А седумдесетте се вратија со радост и рекоа: „Господи, и нечистите духови ни се покоруваат во Твое име.”

18. А Тој им рече: „Го видов сатаната како падна од небото, како молња!

19. Ете, ви давам власт да газите на змии и на скорпии и над секоја непријателска сила, и ништо нема да ви напакости.

20. Но не радувајте се на тоа, дека духовите ви се покоруваат, туку радувајте се, дека вашите имиња се запишани на небесата!”

21. Во истиот час се зарадува во Светиот Дух и рече: „Ти благодарам Татко! Господи на небото и на земјата, зашто си го сокрил ова од мудрите и умните, а им го откри на младенците. Да, Татко, таква беше Твојата волја.

22. Мојот Татко Ми предаде сè! И никој не знае Кој е Синот, освен Таткото; и Кој е Таткото - знае само Синот, и оној кому Синот сака да му открие.

Лука 10