5. Во деновите на јудејскиот цар Ирод, беше еден свештеник, по име Захарија, од Авијановиот род; и неговата жена од Ароновите ќерки, по име Елисавета.
6. Двајцата беа праведни пред Бога, одејќи без недостаток, според сите Господови заповеди и повелби.
7. Немаа дете, зашто Елисавета беше неплодна, а двајцата беа во години.
8. Еднаш кога тој ја вршеше свештената служба пред Бога, по редот на својот чин,
9. според свештеничкиот обичај, му се падна со жрепка да влезе во Господовиот Храм и да покади.
10. А за време на кадењето целото множество на народот се молеше надвор.
11. Тогаш му се јави Господов ангел, стоејќи оддесно на кадилниот жртвеник.
12. Кога го виде, Захарија се збуни и страв го опфати.
13. Но, ангелот му рече: „Не бој се, Захарија! зашто е услишана твојата молитва! Твојата жена Елисавета ќе роди син, кому треба да му го дадеш името Јован.
14. Ќе се радуваш и ќе се веселиш, и мнозина ќе се зарадуваат на неговото раѓање.
15. Зашто ќе биде голем пред Господа - нема да пие ни вино ни опојни пијалаци; и ќе се наполни со Светиот Дух уште во утробата на својата мајка;
16. и многу Израелеви синови ќе ги обрати кон Господа, нивниот Бог.
17. Тој ќе врви пред Него во Илиевиот дух и сила, за да ги обрати срцата на татковците кон децата; а непокорните кон мудроста на праведниците, и да Му приготви на Господа совршени луѓе.”
18. А Захарија му рече на ангелот: „По што ќе го познам тоа? Јас сум стар, а и жена ми е застарена во своите дни!”
19. Ангелот одговори и му рече: „Јас сум Гавриел, кој стои пред Бога и испратен сум да зборувам со тебе и да ти ја известам оваа радосна вест.
20. И ете, ќе онемиш и не ќе можеш да зборуваш до денот, кога ќе се збидне ова; зашто не им поверува на моите зборови, што ќе се исполнат во свое време.”