9. На главата му сложи митра (капа), а однапред на капата закачи златна плочичка - свет венец - како што Господ му нареди на Мојсеја.
10. Потоа Мојсеј го зеде маслото за помазание и ги помаза Шаторот на средбата и сè што е во него, за да ги освети.
11. Седумпати го попрска со него жртвеникот па ги помаза жртвеникот и сиот негов прибор, мијалникот со неговото подножје, за да ги освети.
12. Излеа миро врз Ароновата глава и го помаза, за да го посвети.
13. Потоа Мојсеј ги доведе Ароновите синови; ги облече во хитони (облеки), ги препаша со појаси и им сложи капи, како што Господ му нареди на Мојсеја.
14. Потоа доведе јунец за жртва за грев. Арон и неговите синови ги положија своите раце на главата на јунецот на жртвата за грев.
15. И Мојсеј го закла, па ја зеде крвта и со својот прст ја стави на роговите околу жртвеникот. Така го очисти жртвеникот. Другата крв ја излеа во подножјето на жртвеникот; го освети, за да го направи чист.
16. Потоа Мојсеј ги зеде: сиот лој што беше околу внатрешноста, мрежичката на црниот дроб, двата бубрега и нивниот лој, и ги изгоре на жртвеникот.
17. А кожата од јунецот, неговото месо и неговата нечистота ги изгоре во оган надвор од логорот, како што Господ му нареди на Мојсеја.
18. Тогаш доведе овен за жртва паленица. Арон и неговите синови ги положија своите раце на главата на овенот.
19. А Мојсеј го закла и го попрска со крвта жртвеникот од сите страни.
20. Откако го исече овенот на делови, Мојсеј ги изгоре главата, деловите и лојот.
21. Во вода ги изми внатрешноста и нозете па го изгоре целиот овен на жртвеникот. Тоа е паленица за пријатен мирис - жртва палена на Господа - како што Господ му заповеда на Мојсеја.
22. Потоа доведе друг овен, овен за жртва за посветување. Арон и неговите синови ги положија своите раце на главата на овенот.
23. Мојсеј го закла, ја зеде неговата крв и ја стави на крајот на Ароновото десно уво, на палецот на неговата десна рака и на големиот прст на неговата десна нога.
24. Потоа Мојсеј ги доведе Ароновите синови, па им стави од истата крв на крајот на нивното десно уво, на палецот на десната рака и на големиот прст на десната нога.