1. По смртта на двајцата Аронови синови, кои загинаа принесувајќи му на Господа непосветен оган, Господ му проговори на Мојсеја:
2. Господ му рече на Мојсеја: „Кажи му на брата си Арона да не влегува во секое време во Светилиштето зад завесата, пред Очистилиштето, што е врз ковчегот за да не загине. Зашто Јас ќе се појавувам над Капакот во облак.
3. Арон нека влегува во Светилиштето вака: со јунец за принос за грев и со овен за паленица.
4. Нека се облече во осветен ленен хитон-кошула; нека облече ленени гаќи на своето тело; нека се препаше со ленен појас, а на главата нека стави ленена митра-капа. Тоа се свети облеки, што ќе ги облече откако ќе се искапе во вода.
5. И нека прими од Израелевата заедница: два јарци за принос за грев и еден овен за паленица.”
6. „Откако Арон ќе го принесе јунецот за принос за грев за себе и ќе направи покривање на гревот за себеси и својот дом,
7. нека ги земе двата јарци и нека ги стави пред Господа при влезот во Шаторот на средбата.
8. Арон нека фрли жрепка за двата јарци и нека го одреди едниот со жрепка за Господа, а другиот за отпуштање.
9. Арон нека го принесе за жртва за грев јарецот, на кого жрепката падна да биде Господов.
10. А јарецот на кого жрепката падна да биде за отпуштање, нека биде поставен жив пред Господа, за да биде извршено покривање на гревот со него и за да биде испратен во пустината за отпуштување, (и за да ги понесе на себе нивните безаконија во непроодна земја).
11. „Потоа Арон нека приведе јунец за принос за грев за себе и нека направи покривање на гревот за себеси и својот дом; и нека го заколе јунецот како жртва за грев за себе.
12. Потоа нека земе кадилница, полна со вжарени јаглења од жртвеникот, што е пред Господа, и два полни грста благомирислив темјан, истолчен во прав. Нека го внесе тоа зад завесата.