Левит (3 Moj.) 14:33-47 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

33. Господ им рече на Мојсеја и Арона:

34. „Кога ќе влезете во Ханаанската Земја што ќе ви ја дадам во наследство, и кога ќе пуштам лепра на некоја куќа во земјата што ќе ја заземете,

35. тогаш оној чија е куќата нека дојде кај свештеникот и нека рече: ‘Ми се чини дека мојот дом е заразен со лепра.’

36. Свештеникот нека нареди да биде испразнета куќата, пред тој да дојде да ја прегледа куќата, за да не биде прогласено за нечисто сè што е во куќата; потоа свештеникот нека влезе да ја прегледа куќата.

37. Ако по прегледот забележи дека заразата на куќните ѕидови се состои од зеленкасти или црвенкасти вдлабнатини и ако му се стори дека се спуштаат подлабоко од поврвнината на ѕидот,

38. свештеникот нека излезе од домот низ куќната врата и нека ја затвори куќата за седум дена.

39. На седмиот ден свештеникот нека дојде повторно и нека ја прегледа; ако заразата се проширила по ѕидовите на куќата,

40. свештеникот нека нареди да се извадат заразените камења и да бидат исфрлени на некое нечисто место надвор од градот.

41. Потоа нека заповеда да се истружат сите внатрешни ѕидови на куќата и иструганиот прав да биде фрлен на некое нечисто место надвор од градот.

42. Па нека земат други камења и нека ги вметнат место оние камења. И нека земат друга вар и нека ја варосаат куќата повторно.”

43. „Ако заразата се појави пак, откако беа извадени камењата, а куќата истругана и пак варосана,

44. свештеникот нека отиде да прегледа: ако заразата се раширила по куќата, тогаш тоа е заразна лепра; куќата е нечиста.

45. Домот нека биде урнат, а неговите камења, неговите дрвени делови и сета вар нека бидат однесени надвор од градот на некое нечисто место.

46. Кој ќе влезе во куќата додека е затворена нека биде нечист до вечерта.

47. Кој ќе спие во куќата, треба да ја испере својата облека. И кој ќе јаде во куќата, треба да ја испере својата облека.”

Левит (3 Moj.) 14