Левит (3 Moj.) 14:27-38 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

27. А тогаш, со елејот што му е во дланката на левата рака, нека изврши прскање, седум пати, со прстот на својата десна рака, пред Господа.

28. Од елејот во својата дланка свештеникот нека ги помаже, врз крвта на жртвата за престап: крајот на десното уво, палецот на десната рака и палецот на десната нога на оној, кој се очистува.

29. А остатокот од елејот, во неговата дланка, свештеникот нека го положи на главата на очистуваниот, за да го покрие гревот пред Господа.

30. Па нека принесе една од двете грлици или едното од двете гулапчиња - што можеше да ги набави -

31. како жртва за грев, а другата како паленица заедно со лебен принос. Свештеникот нека направи да се покрие гревот пред Господа на оној, кој се очистува.

32. Тоа е закон за заразен со лепра, кој не може да се снабди со сè за своето очистување.”

33. Господ им рече на Мојсеја и Арона:

34. „Кога ќе влезете во Ханаанската Земја што ќе ви ја дадам во наследство, и кога ќе пуштам лепра на некоја куќа во земјата што ќе ја заземете,

35. тогаш оној чија е куќата нека дојде кај свештеникот и нека рече: ‘Ми се чини дека мојот дом е заразен со лепра.’

36. Свештеникот нека нареди да биде испразнета куќата, пред тој да дојде да ја прегледа куќата, за да не биде прогласено за нечисто сè што е во куќата; потоа свештеникот нека влезе да ја прегледа куќата.

37. Ако по прегледот забележи дека заразата на куќните ѕидови се состои од зеленкасти или црвенкасти вдлабнатини и ако му се стори дека се спуштаат подлабоко од поврвнината на ѕидот,

38. свештеникот нека излезе од домот низ куќната врата и нека ја затвори куќата за седум дена.

Левит (3 Moj.) 14