Левит (3 Moj.) 14:13-26 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

13. Нека го заколе јагнето таму каде што се колат жртвите за грев и палениците - на светото место; зашто приносот за престап и приносот за грев му припаѓаат на свештеникот: тоа е пресвето.

14. И свештеникот нека земе од крвта на жртвата за престап и нека му стави на крајот од десното уво на оној, кој се очистува, и палецот на десната рака, и палецот на десната нога.

15. Потоа свештеникот нека земе елеј од чашата и нека го излие во дланот на левата рака.

16. Откако свештеникот ќе го стави својот десен прст во елејот што е во левата дланка, нека изврши, со елејот од својот прст, прскање пред Господа седум пати.

17. Од елејот што ќе му остане во дланката, свештеникот нека ги помаже, врз крвта од приносот за престап: крајот на десното уво, палецот на десната рака и палецот на десната нога на оној, кој се очистува.

18. А останатиот елеј, што е во дланката на свештеникот, нека го положи на главата на очистуваниот. И свештеникот ќе направи покривање на гревот за него, пред Господа.

19. Потоа свештеникот нека принесе жртва за грев за да се покрие гревот на тој кој се очистува; после тоа нека ја заколе паленицата.

20. И свештеникот ќе ги положи паленицата и лебниот принос на жртвеникот. И свештеникот ќе направи покривање на гревот и ќе биде чист.”

21. „Ако е беден па не може да го набави тоа, нека земе само едно машко јагне за жртва за престап за вртење, за да се покрие неговиот грев, и една десетина ефа чисто брашно за лебен принос, месено со масло, една мерка масло,

22. и две грлици или две гулапчиња - според неговите можности - едното за принос за грев, а другото за паленица.

23. На осмиот ден на своето очистување нека ги донесе кај свештеникот, при влезот на Шаторот на средбата, пред Господа.

24. Свештеникот нека ги земе јагнето за приносот за престап и едната мерка елејот, па нека ги принесе пред Господа како вртена жртва.

25. Таму нека биде заклано јагнето на приносот за престап; а свештеникот нека земе крв од него и со неа нека ги намачка: крајот на десното уво, палецот на десната рака и палецот на десната нога на очистуваниот.

26. Потоа свештеникот нека налее елеј во својата лева дланка.

Левит (3 Moj.) 14