29. Оној, Кој ме прати, е со Мене; не Ме остави Сам, зашто секогаш го вршам она што Му е угодно.”
30. Кога го зборуваше тоа, мнозина поверуваа во Него.
31. Затоа Исус им рече на Јудејците, кои Му поверуваа: „Ако пребивате во Моето слово, навистина сте Мои ученици;
32. и ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи.”
33. Му одговорија: „Ние сме Авраамово потомство и никогаш никому не сме му робувале; како велиш Ти: ‘Ќе бидете слободни?’
34. Исус им одговори: „Вистина, вистина ви велам, дека секој кој прави грев, роб му е на гревот.
35. А робот не останува дома довека; Синот останува довека.
36. И така, ако Синот ве ослободи, навистина ќе бидете слободни.
37. Знам дека сте Авраамово потомство; но пак барате да Ме убиете, зашто Моето слово нема место во вас.
38. Јас го зборувам тоа што сум го видел кај Татко Ми. Исто и вие правите што сте чуле од вашиот татко.”
39. Му одговорија и рекоа: „Наш татко е Авраам.” Исус им рече: „Ако бевте Авраамови чеда, ќе ги вршевте Авраамовите дела.
40. А сега сакате да Ме убиете Мене, Човекот, Кој ви ја кажа вистината, што ја чув од Бога. Авраам не направи така.
41. Вие ги вршите делата на татка си.” Ние не сме родени од блудство; имаме еден Татко - Бог.”
42. Исус им рече: „Ако Бог беше ваш Татко, ќе Ме љубевте Мене; зашто Јас од Бога излегов и дојдов; и не дојдов Сам од Себе, туку Тој Ме прати.
43. Зошто не го разбирате Моето зборување? Затоа што не можете да ја слушате Мојата наука.
44. Вие потекнувате од вашиот татко - ѓаволот, и сакате да ги исполнувате желбите на татка си. Тој беше човекоубиец од почеток и не остана во вистината, зашто нема вистина во него. Кога зборува лага, зборува од своето, зашто е лажец и татко на лагата.
45. Не Ми верувате Мене, зашто ви ја зборувам вистината.
46. Кој од вас Ме обвинува за грев? Ако ја зборувам вистината, зошто не Ми верувате?