29. Оној, Кој ме прати, е со Мене; не Ме остави Сам, зашто секогаш го вршам она што Му е угодно.”
30. Кога го зборуваше тоа, мнозина поверуваа во Него.
31. Затоа Исус им рече на Јудејците, кои Му поверуваа: „Ако пребивате во Моето слово, навистина сте Мои ученици;
32. и ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи.”
33. Му одговорија: „Ние сме Авраамово потомство и никогаш никому не сме му робувале; како велиш Ти: ‘Ќе бидете слободни?’
34. Исус им одговори: „Вистина, вистина ви велам, дека секој кој прави грев, роб му е на гревот.
35. А робот не останува дома довека; Синот останува довека.
36. И така, ако Синот ве ослободи, навистина ќе бидете слободни.
37. Знам дека сте Авраамово потомство; но пак барате да Ме убиете, зашто Моето слово нема место во вас.
38. Јас го зборувам тоа што сум го видел кај Татко Ми. Исто и вие правите што сте чуле од вашиот татко.”
39. Му одговорија и рекоа: „Наш татко е Авраам.” Исус им рече: „Ако бевте Авраамови чеда, ќе ги вршевте Авраамовите дела.
40. А сега сакате да Ме убиете Мене, Човекот, Кој ви ја кажа вистината, што ја чув од Бога. Авраам не направи така.