22. Затоа Јудејците рекоа: „Да не се самоубие, зашто вели: ‘Каде одам Јас - вие не можете да дојдете?’”
23. Им рече уште: „Вие сте од долу, Јас Сум одозгора; вие сте од светов, Јас не Сум од светов.
24. Затоа ви реков дека ќе умрете во своите гревови; зашто ако не поверувате дека Сум Јас, ќе умрете во своите гревови.”
25. Тогаш Го прашаа: „Кој си Ти?” Исус им рече: „Имено тоа, кое ви зборувам од почетокот.
26. Имам многу да зборувам и да судам за вас; но вистински е Оној, Кој Ме испрати, и Јас му го кажувам на светот, она, што сум го чул од Него.”
27. Не сфатија дека им зборува за Таткото.
28. Затоа Исус им рече: „Кога ќе Го издигнете Човечкиот Син, тогаш ќе сознаете дека тоа Сум Јас и дека ништо не правам Сам од Себе, туку дека зборувам она што Татко Ми Ме научи.
29. Оној, Кој ме прати, е со Мене; не Ме остави Сам, зашто секогаш го вршам она што Му е угодно.”
30. Кога го зборуваше тоа, мнозина поверуваа во Него.
31. Затоа Исус им рече на Јудејците, кои Му поверуваа: „Ако пребивате во Моето слово, навистина сте Мои ученици;
32. и ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи.”
33. Му одговорија: „Ние сме Авраамово потомство и никогаш никому не сме му робувале; како велиш Ти: ‘Ќе бидете слободни?’
34. Исус им одговори: „Вистина, вистина ви велам, дека секој кој прави грев, роб му е на гревот.
35. А робот не останува дома довека; Синот останува довека.
36. И така, ако Синот ве ослободи, навистина ќе бидете слободни.