Јован 6:1-17 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Потоа отиде Исус на другата страна од Галилејското Море, наречено Тиверијадско.

2. Многу народ одеше по Него, зашто ги гледаа чудесата, што ги правеше над болните.

3. Исус се искачи на гората и седеше таму со Своите ученици.

4. А наближуваше јудејскиот празник - Пасхата.

5. Тогаш Исус ги подигна очите и виде дека многу народ доаѓа кон Него, па му рече на Филипа: „Каде да купиме леб, за да се нахранат овие?”

6. Тоа го рече за да го искуша; зашто Самиот знаеше што ќе направи.

7. Филип Му одговори: „Не ќе им стигне леб за двеста денарии, па секој од нив да добие по малку.”

8. Еден од Неговите ученици, Андреј братот на Симона Петра, Му рече:

9. ”Тука има едно момче, кое има пет јачмени лебови и две риби; но што е тоа за толкаво множество?”

10. А Исус рече: „Нека поседнат луѓето!” Имено, имаше многу трева на местото, па поседнаа луѓето, на број околу пет илјади.

11. Тогаш, Исус ги зеде лебовите, заблагодари и им ги раздаде на учениците, а учениците на оние што поседнаа; исто така и од рибите, колку што сакаа.

12. Кога се наситија, им рече на Своите ученици: „Соберете ги останатите парчиња, за да не пропадне ништо!”

13. И така, ги собраа и наполнија дванаесет кошници со парчиња од петте јачмени лебови, што им останаа на оние, кои јадеа.

14. Луѓето, кога го видоа чудото што го направи, рекоа: „Овој е навистина Пророкот, Кој требаше да дојде на светот.”

15. Исус, - штом разбра дека сакаат да дојдат и да го одвлечат насила, за да Го направат цар - пак се повлече сосем Сам во гората.

16. Кога се приквечери, Неговите ученици слегоа до морето,

17. и влегоа во кораб и отидоа преку морето во Капернаум. Веќе се стемни, а Исус уште не беше дојден при нив.

Јован 6