13. Штом Пилат ги чу тие зборови, Го изведе Исуса надвор и седна на судскиот стол, на местото што се вика Плочник, а на еврејски Гавата.
14. А беше ден на подготовката за Пасха, околу шестиот час, и им рече на Јудејците: „Еве Го вашиот Цар!”
15. Но тие викаа: „Земи, земи! Распни Го!” Пилат им рече: „Да Го распнам ли вашиот Цар?” Првосвештениците одговорија: „Ние немаме цар, освен ќесарот!”
16. Тогаш им го предаде за да биде распнат. Тогаш Го зедоа Исуса.
17. А Тој, носејќи го Својот крст, излезе на местото наречено Лобно, а на еврејски Голгота;
18. каде Го распнаа, и со Него други двајца, од едната и од другата страна, а Исуса во средина.
19. А Пилат напиша и натпис и го стави на крстот; а беше напишано: „Исус Назареец, Јудејски Цар.”
20. Натписот го прочитаа мнозина Јудејци, зашто местото, каде беше распнат Исус, беше близу до градот; а беше напишано на еврејски, латински и грчки.
21. Тогаш јудејските главни свештеници му рекоа на Пилата: „Не пишувај: ‘Јудејски Цар,’ туку дека Тој рекол: ‘Јудејски Цар Сум.’
22. Пилат одговори: „Што напишав, напишав!”
23. А војниците, откако Го распнаа Исуса, ги зедоа Неговите облеки и ги разделија на четири дела, по еден дел на секој војник, и долната облека. А долната облека не беше шиена, туку целата исткаена одозгора додолу;
24. си рекоа меѓу себе: „Да не ја кинеме, туку да фрлиме жрепка за неа, кому ќе му падне!” за да се исполни Писмото: ‘Ги разделија меѓу себе Моите облеки, и фрлија жрепка за Мојата облека.’ Така постапија војниците.
25. А при Исусовиот крст стоеја мајка Му и сестрата на Неговата мајка, Марија Клопина, и Марија Магдалена.
26. А Исус, штом ја виде мајка си, и покрај неа, ученикот, кого го љубеше, и рече на мајка си: „Жено, ете ти син!”
27. Потоа му рече на ученикот: „Ете ти мајка!” И од тој час ученикот ја зеде при себе.
28. По ова Исус, знаејќи дека е свршено сè, за да се исполни Писмото, рече: „Жеден Сум!”
29. Таму имаше сад, полн со оцет; тогаш закачија на трска сунѓер наквасен во оцетот и Му поднесоа до Неговата уста.
30. Штом Исус го прими оцетот, рече: „Се сврши!” па ја наведна главата и го предаде духот.
31. Бидејќи беше ден на Подготовка, Јудејците, за да не останат телата на крстот во сабота - зашто таа сабота беше голем ден - го замолија Пилата да им ги скршат колената и да ги симнат.
32. Затоа војниците дојдоа и им ги скршија нозете на првиот и на вториот, кои беа распнати со Него;