14. А Кајафа беше оној, кој ги посоветува Јудејците, дека е подобро да умре еден човек за народот.
15. По Исуса одеа: Симон Петар и еден друг ученик. Ученикот му беше познат на првосвештеникот, и влезе со Исуса во првосвештениковиот двор.
16. А Петар стоеше надвор, пред вратата. Тогаш другиот ученик, кој му беше познат на првосвештеникот, излезе, проговори со вратарката и го воведе Петра.
17. Тогаш слугинката, вратарка, му рече на Петра: „Да не си и ти еден од учениците на Човеков?” Тој рече: „Не сум.”
18. А слугите и служителите беа запалиле оган и стоеја, и се грееја, зашто беше студено; и Петар стоеше со нив и се грееше.
19. Првосвештеникот пак Го праша Исуса за Неговите ученици и за Неговата наука.
20. Исус му одговори: „Јас му зборував на светот јавно; секогаш поучував во синагогите и во Храмот, каде се собираат сите Јудејци, и ништо не говорев тајно.
21. Зошто Ме прашуваш Мене? Прашај ги оние, кои чуја, што Сум им зборувал тие знаат што Сум говорел.”