Јован 17:9-19 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

9. Јас се молам за нив; не се молам за светот, туку за оние, кои Ми ги даде, зашто се Твои,

10. и сè Мое - е Твое, и Твоето - Мое; и се прославив во нив.

11. И не Сум повеќе во светот, а тие се во светот, Јас идам при Тебе. Свети Татко, запази ги во Твое име оние, кои Ми ги даде, за да бидат едно, како што Сме и Ние.

12. Додека бев со нив, Јас ги чував во Твое име оние, кои Ми ги даде, и ги запазив, па ниеден од нив не погина, освен синот на гибелта за да се исполни Писмото.

13. А сега идам при Тебе, и го зборувам ова во светот, за да ја имаат Мојата радост полна во себе.

14. Јас им го предадов Твоето Слово и светот ги замрази, зашто не се од светот, како што и Јас не Сум од светот.

15. Не Те молам да ги земеш од светот, туку да ги запазиш од лукавиот.

16. Тие не се од светот, како што ни Јас не Сум од светот.

17. Освети ги во Својата вистина, Твоето Слово е вистината.

18. Како што Ти Ме испрати Мене во светот, така и Јас ги испратив во светот;

19. За нив се осветувам Себеси, за да бидат и тие осветени во вистината.

Јован 17