12. Ова е Мојата заповед: да се љубите еден со друг, како што Јас ве љубев вас.
13. Никој нема поголема љубов од оваа: да го положи сопствениот живот за своите пријатели.
14. Вие сте Ми пријатели - ако го вршите она, што Јас го заповедам.
15. Не ве наречувам веќе слуги; зашто слугата не знае што прави неговиот господар; а вас ве нареков пријатели, зашто ви соопштив сè што чув од Мојот Татко.
16. Вие не Ме избравте Мене, но Јас ве избрав вас и ве поставив да одите и да принесувате плод, и вашиот плод да остане; и Мојот Татко да ви даде сè што ќе посакате во Мое име.
17. Ова ви заповедам: да се љубите еден со друг!”
18. ”Ако светот ве мрази, знајте дека Мене Ме мразеше пред вас!
19. Ако бевте од овој свет, светот би ги љубел своите; но бидејќи не сте од светов - туку Јас ве избрав од светот - затоа светот ве мрази.
20. Помнете го зборот што ви го реков: ‘Слугата не е поголем од својот господар!’ Ако Ме гонеа Мене, ќе ве гонат и вас; ако го пазеа Моето Слово, ќе го пазат и вашето.
21. Туку, сè ова ќе ви го прават заради Моето име, зашто не Го познават Оној, Кој Ме пратил.
22. Да не дојдев и да не им зборував, немаше да имаат грев; но сега немаат изговор за својот грев.
23. Кој Ме мрази Мене, Го мрази и Мојот Татко.
24. Да не направев, меѓу нив дела какви никој друг не направил, немаше да имаат грев; но сега видоа и пак нè замразија Мене и Мојот Татко.
25. Туку, треба да се исполни словото, запишано во нивниот Закон: ‘Ме замразија без причина!’
26. ”А кога ќе дојде Утешителот, Кого Јас ќе ви Го испратам од Таткото, Духот на Вистината, Кој излегува од Таткото, Тој ќе сведочи за Мене;
27. а и вие ќе сведочите, зашто сте со Мене од почетокот.”