Јован 12:21-33 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

21. Тие му пристапија на Филипа, кој беше од Галилејска Витсаида, и го помолија, велејќи: „Господине, сакаме да Го видиме Исуса.

22. Филип отиде и му кажа на Андреја; потоа Андреј и Филип отидоа и Му кажаа на Исуса.

23. А Исус им одговори: „Дојде часот да се прослави Човечкиот Син.

24. Вистина, вистина ви велам, ако пченичното зрно не падне во земјата и не умре, останува само; а ако умре, донесува многу плод.

25. Кој го љуби својот живот, ќе го изгуби, а кој го мрази својот живот на овој свет - ќе го запази за вечен живот.

26. Ако некој Ми служи Мене - нека Ме следи; каде Сум Јас, таму ќе биде и Мојот слуга. Ако некој Ми служи Мене; Мојот Татко ќе го почитува него.”

27. Сега, Мојата душа е вознемирена, и што да кажам? Татко, избави Ме од овој час! - Но, заради тоа и дојдов до овој час!

28. Татко, прослави го Твоето име! Тогаш дојде глас од небото: „Го прославив и пак ќе го прославам.”

29. А народот, кој стоеше и го чу, рече: „Загрми!”- а други рекоа: „Ангел Му говори!”

30. Исус во одговор рече: „Овој глас не дојде заради Мене, туку заради вас.

31. Сега е судот на овој свет. Сега кнезот на светов ќе биде исфрлен надвор!

32. А Јас - кога ќе бидам издигнат од земјата - ќе ги привлечам сите кон Себе.”

33. Тоа го рече за да покаже со каква смрт ќе умре.

Јован 12