9. Вистинската Светлина, Која го осветлува секој човек, доаѓаше во светот.
10. Беше во светот, и светот стана преку Него, но светот не Го позна.
11. Дојде при Своите, но Неговите не Го примија.
12. А на сите кои Го примија, им даде власт да станат Божји деца, на оние кои веруваат во Неговото име:
13. кои не се родија ниту од крв, ниту од телесна похот, ни од волја на маж, туку од Бога.
14. И Словото стана тело и се настани меѓу нас и ја видовме Неговата слава, славата што ја има како Единороден од Таткото - полн со благодат и вистина.
15. Јован сведочи за Него и вика: „Еве Го Оној, за Кого реков: Оној, Кој доаѓа после мене, пред мене е, зашто беше пред мене!”
16. И, сите ние примивме од Неговата полнота: благодат врз благодат.
17. Зашто, Законот беше даден преку Мојсеја, а преку Исуса Христа дојдоа благодатта и вистината.
18. Бога никој никогаш не Го видел; Единородниот СинБог, Кој е во прегратката на Таткото, Тој Го објави.”
19. А ова е Јовановото сведоштво, кога Јудејците од Ерусалим му испратија свештеници и левити, за да го прашаат: „Кој си ти?”
20. И призна и не одрече, та исповеда: „Јас не сум Христос.”
21. И го прашаа: „Тогаш што! Илија ли си?” „Не сум,” одговори. „Да не си пророк?” „Не,” одговори.
22. Тогаш му рекоа: „Кој си? за да можеме да им одговориме на оние, кои нè испратија! Што велиш ти за себеси?”
23. Рече: „Јас сум глас на оној, кој вика во пустината: израмнете го Господовиот пат,” како што рече пророкот Исаија.”
24. Испратените беа фарисеи.
25. Тие го прашаа и му рекоа: „Тогаш зошто крштаваш, кога не си Христос, ниту Илија, ни пророк?”
26. ”Јас крштавам со вода им одговори Јован - но меѓу вас стои Еден, Кого вие не Го познавате.