Јов 30:12-26 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

12. Изродите стануваат од мојата десна страна, тие ги тераат моите нозе во бегство, насипуваат пат на пропаст кон мене.

13. Ми ја разурнуваат патеката, за да ме сотрат, напаѓаат и никој не им брани.

14. Тие навлегуваат низ широк пролом и се тркалаат како бура.

15. Сите стравотии се свртуваат кон мене, мојот углед го снема како ветер, доброто исчезна како облак.

16. Мојата душа се разлева во мене, денови на неволја се урнаа врз мене.

17. Ноќе, болеста ги прободува моите коски, не стивнуваат болките, што ме гризат.

18. Маката ми ја смени и облеката и ме стегна како јака на облекло.

19. Ме фрли во калта долу, ете, станав како прав и пепел.

20. Викам кон Тебе, но Ти не одговараш; стојам пред Тебе, но Ти и не се грижиш.

21. Стана жесток кон мене, со претешка рака се нафрлаш кон мене.

22. Ме креваш со виор, со него ме носиш, ме вртиш силно во вртеж на бурата.

23. Да, знам дека ме предаде на смртта, на заедничкото собиралиште на сите живи.

24. Не ја испружува ли раката давеникот, не вика ли кога ќе падне во неволја?

25. Не плачев ли за страдалниците, не се ли сожали мојата душа за сиромашниот?

26. Се надевав на среќата, а дојде несреќата; ја чекав светлината, а, ете, темнина ме зави.

Јов 30