Јов 21:1-18 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Јов проговори и рече:

2. Слушајте, слушајте добро што ќе ви речам, доделете ми барем таква утеха;

3. истрпете јас да речам еден збор, кога ќе завршам, тогаш потсмевајте се слободно.

4. Зар мојот збор е кон човек? Како тогаш да не бидам малодушен?

5. Погледнете на мене: ужас ќе ве опфати, со раката ќе ја засолнете својата уста;

6. штом наумам за тоа, се исплашувам и самиот, и трпки го обземаат сето мое тело.

7. Зошто нечесните остануваат во живот и колку се постари, толку посилни стануваат?

8. Нивните деца напредуваат со нив, а нивните внуци се множат пред нивните очи.

9. Никаков страв не ги мори нивните куќи и Божјата прачка ги остава на мир.

10. Нивните бикови оплодуваат, не напразно, нивните крави се отелуваат и не пометнуваат.

11. Нивните деца скокаат слободно како јагниња, нивните синови играат весело.

12. Тие пеат покрај музиката на харфа и тапани и се веселат покрај звуците на свирката.

13. Ги завршуваат своите денови во среќа тие слегуваат спокојно во Подземјето.

14. А Му зборуваа на Бога: „Остави нè,” не сакаме да знаеме за Твоите патишта!

15. Па кој е Сèдржителот, да Му служиме и каква ни е ползата да Го призовуваме?”

16. Зар не ја имаа својата среќа во раката, иако тие не држеа до Него?

17. Зар некогаш се угаснал светилникот на опакиот? Зар несреќа се нафрлила врз него? Зар тој му ја скрои судбината во Својот гнев?

18. Зар стана како слама на ветер, како плева што виорот ја разнесува насекаде?

Јов 21