Јов 18:2-15 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

2. Кога мислиш да ги зауздаш своите беседи? Вразуми се, сега, да разговараме!

3. Зошто нè сметаш за неразумен добиток? Зар сме животни во твоите очи?

4. О ти, што се раскинуваш себеси од гнев, сакаш ли да опустее земјата заради тебе, да се изместат карпите од своето место?

5. Светлината на опакиот ќе угасне, и не ќе му свети пламен во огништето,

6. ќе потемнее светлината во неговиот шатор и над него ќе згасне светилката.

7. Неговите крепки чекори стануваат ограничени, тој се сопнува врз сопствените намери.

8. Зашто неговите нозе го водат во стапица, и еве го како чекори веќе по мрежата.

9. Тенка стапица му ја фати ногата, и ете, јажињата го стегнуваат цврсто.

10. Го дебне јамка скриена на земјата, стапица го чека по патот по кој оди.

11. Стравови го напаѓаат отсекаде, и го прогонуваат по стапките.

12. Гладот ја проголта сета негова сила, несреќата е секогаш до неговата слабина.

13. Кобна болест му ја разјадува кожата, првенецот на смртта му ги нагризува деловите на телото.

14. Го извлекуваат од неговиот шатор, да го одведат при владетелот на ужасите.

15. Туѓинец се насели во неговиот стан, потуруваат оган врз неговиот дом.

Јов 18