Јона 1:2-11 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

2. „Стани, оди во Нинивија, град голем, и викај против него, зашто нивното зло се воздигна пред Моето лице.”

3. А Јона стана за да побегне во Тарсис, од Господовото присуство. Слезе во Јафа и најде брод што пловеше во Тарсис. Го плати возењето и слегна во него за да отплови со нив во Тарсис, далеку од Господовото присуство.

4. Но Господ фрли голем ветар на морето, и стана голема бура во морето, та мислеа дека бродот ќе се разбие.

5. Морнарите се исплашија; секој го повика својот бог, и за да го олеснат, го фрлаа во морето товарот што беше во бродот. Јона пак беше слегол на дното на бродот, легнал и заспал со цврст сон.

6. Заповедникот на бродот му пристапи и рече: „Што е со тебе, спанко? Стани и повикувај Го својот Бог! Можеби Тој Бог ќе си спомне за нас за да не загинеме.”

7. Потоа си рекоа едни на други: „Ајде да фрлиме жрепки, за да видиме заради кого ни дојде ова зло.” Фрлија жрепка, и жрепката падна на Јона.

8. Тогаш тие му рекоа: „Кажи ни: заради кого ни дојде ова зло, со каква работа се занимаваш? Откаде доаѓаш, од која земја си и од кој народ?”

9. Тој им одговори: „Јас сум Евреин и се бојам од Господа, небесниот Бог, Кој ги направи морето и копното.”

10. Мажите се исплашија многу и му рекоа: „Што е тоа што го направи!” Зашто беа узнале дека тој бега од Господовото присуство, и самиот им го раскажа тоа.

11. Тие го прашаа: „Што да направиме со тебе за да ни се смири морето?” Зашто морето стануваше сè побурно.

Јона 1