Јоил 2:18-30 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

18. Тогаш Господ, ќе ревнува за Својата земја, и ќе го помилува Својот народ.

19. Господ ќе му одговори на Својот народ: „Еве ви испраќам жито, вино и масло, за да се наситите со нив. Никогаш веќе не ќе дозволам да им бидете срам на народите.

20. Ќе го протерам дојдениот од север далеку од вас, ќе го протерам во сува и пуста земја, со неговата претходница до Источното Море, со неговата заднина до Западното Море. Ќе се крене неговиот непријатен мирис, ќе се дига неговата смрдеа. Зашто направил многу.”

21. О земјо, не бој се! Биди весела, радувај се, зашто Господ направи големи дела.

22. Полски ѕверови, не бојте се; пасиштата во пустината се зеленеат пак, овошките даваат род, смоквата и лозата носат изобилство.

23. Сионски синови, радувајте се, веселете се во Господа, вашиот Бог; зашто ви дава есенски дожд во права мера, излеа дожд врз вас, есенски и пролетен дожд како некогаш.

24. Гумната ќе бидат полни со жито, каците ќе се прелеваат од вино и масло.

25. „Ќе ви ги надоместам годините што ги изедоа скакулецот, гасеницата, црвецот и бубачката, Мојата силна војска што ја испратив против вас.

26. Ќе јадете изобилно, ќе јадете до ситка, ќе го славите името на Господа, вашиот Бог, Кој постапуваше чудесно со вас. Мојот народ не ќе се засрами никогаш веќе.

27. Ќе знаете дека Сум сред Израел, дека Јас Сум Господ, ваш Бог, и никој друг. Мојот народ нема да се засрами.

28. По ова ќе го излеам Мојот Дух на секое тело, и вашите синови и ќерки ќе пророкуваат, вашите старци ќе сонуваат соништа, а вашите момчиња ќе гледаат виденија.

29. Па и на слугите и на слугинките ќе го излеам Мојот Дух во оние денови.

30. Ќе покажам знаци на небото и на земјата, крв и оган и столбови дим.

Јоил 2