Изреки 21 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Царевото срце е во рацете на Господа, како вода што тече; го води каде што сака.

2. Секој пат е праведен за човекот во сопствените очи, а Господ го испитува срцето.

3. Да се извршува правда и да се прави право помило Му е на Господа, отколку жртва.

4. Издигнати очи и горделиво срце и светилка на нечесните, тоа е грев.

5. Замислите на трудољубивиот се стремат кон изобилство, а избувливиот трпи сиромаштво.

6. Сокровиште придобиено со лажлив јазик е непостојана суета на оние кои бараат смрт.

7. Нечесните ќе ги одвлече нивното насилство, зашто не сакаат да прават правда.

8. Сплеткан е патот на грешникот, а делото на чистиот човек е право.

9. Подобро е да се живее под работ на покривот, отколку во заедничка куќа со препирлива жена.

10. Душата на нечесниот го сака злото; во него нема сомилост ни за ближниот.

11. Кога се казнува потсмевачот, простиот станува мудар, а мудрите црпат знаење од поуката.

12. Праведниот Бог го набљудува домот на нечесните, и нечесните ги фрла во несреќа.

13. Кој го затнува своето уво пред викањето на сиромавиот, и самиот ќе вика, но никој не ќе го послуша.

14. Тајниот подарок ја стивнува лутината, а подарокот, под рака, и жестоката јарост.

15. Праведниот суд е радост за праведникот, а ужас за злосторниците.

16. Човек кој свртува од патот на разумот, ќе почива во собранието на мртвите.

17. Кој ја љуби веселбата, станува сиромав, и кој ги сака виното и мирисливото масло, не се збогатува.

18. Нечесниот човек е откуп за праведникот, и безбожникот стапува на местото на праведникот.

19. Подобро е да се живее во пустина, отколку со расправлива и гневлива жена.

20. Драгоцено е благото и маслото во станот на мудриот, а безумниот човек ги растура.

21. Кој се стреми кон правдата и милоста, наоѓа живот, правда и чест.

22. Мудрецот го совладува градот на силните, и ја крши силата на која се надеваат.

23. Кој ги чува својата уста и јазикот, самиот се чува од неволја.

24. На дрскиот и гордиот името му е „потсмевач”, тој работи сè со прекумерна дрскост.

25. Мрзливиот го убива неговата желба, зашто неговите раце одбиваат да работат.

26. Нечесниот по цел ден лакоми, а праведникот дава и не штеди.

27. Омразена е жртвата на нечесните, особено кога се принесува со лукавство.

28. Лажливиот сведок пропаѓа, а човек кој слуша, ќе говори секогаш.

29. Нечесните покажуваат дрско лице, а чесниот внимава на својот пат.

30. Нема мудрост, и нема разум, и нема совет, против Господа.

31. Коњот се подготвува за денот на бојот, но победата е од Господа.