Изреки 12:9-25 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

9. Подобро е да бидеш мал и да имаш само еден слуга, отколку да се издигаш, а да немаш ни леб.

10. Праведникот внимава и на животот на својот добиток, додека на нечесниот срцето му е свирепо.

11. Кој ја обработува својата земја, наситен е со леб, а кој трча по суетата, неразумен е.

12. Копнежот на нечесниот е мрежа од зло, а коренот на праведникот дава плод.

13. На нечесниот стапица му е гревот на неговата уста, а праведникот се избавува од беда.

14. Од плодот на својата уста секој ќе се насити изобилно, а она што го направил со рацете, ќе му се врати.

15. На лудиот му се чини прав неговиот пат, а мудриот човек слуша совети.

16. Безумникот веднаш го покажува својот бес, а умниот го покрива срамот.

17. Кој говори вистина, открива што е право, а лажниот сведок - измамата.

18. Невнимателниот зборува како да прободува со меч, а јазикот на мудрите е исцелување.

19. Вистинита уста трае довека, а лажливиот јазик само за миг.

20. Измамата е во срцето на оние, кои смислуваат зло, а радост во оние што делат мирољубиви совети.

21. Праведникот не го стигнува никаква неволја, а нечесните се исполнети со зло.

22. Одвратни Му се на Господа лажливите усни, а Му се мили кои зборуваат вистина.

23. Благоразумниот човек го прикрива своето знаење, а безумничкото срце ја разгласува својата глупост.

24. Трудољубивата рака ќе владее, а безгрижните ќе одат кон подложност.

25. Грижата во срцето го притиска човекот, а добриот збор го весели.

Изреки 12